Главна секција Заев нема да бара оставка од Рашковски, си ги исполнувал обврските и...

Заев нема да бара оставка од Рашковски, си ги исполнувал обврските и се извинил

Премиерот Зоран Заев засега нема да бара оставка од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, за случајот „М-НАВ“. Според него, најпрво треба да се согледаат последиците од целиот случај, па потоа да се донесе одлука. Заев додаде дека Рашковски ги исполнувал сите свои работни обврски, а и јавно се извинил за случајот.

– Случајот со „Леонардо“ го затекнавме кога дојдовме како влада. Се работи за тендер што е завршен во 2016 година, но постапката до крај не е завршена. Тоа беше јавно, детално објаснето. Тужба како влада, нема да поднесеме, но секој како физичко лице тоа може да го стори за да го заштити својот дигнитет и достоинство. Кога прифаќаме одредени функции свесни сме дека треба да бидеме под лупа на јавноста, но тоа не значи да бидеме и боксерски вреќи, некој да не прави салата – одговори Заев на новинарско прашање по пуштањето на Контролниот центар за патарини во Петровец.

За т.н. „Letter of Award“, потенцира дека не значи никаква награда и дека таква формулација се користи за одобрување на проектот.

– Тоа е потврда на добивање одредена работа према конкурентите. Не се работи за никакви провизии, ниту награди – објасни Заев и додаде дека лично ќе испрати писмо до компанијата „Леонардо“, со извинување од име на Владата. Тоа ќе го стори и кон ромската заедница во земјава.

За добивањето на датум за почнување на преговори со Европската Унија, Заев рече дека земјава во октомври ќе добие датум за почеток на преговори, а оти во декември ќе почне со отворање на поглавјата 23 и 24.

Според него, новото раководство на ЕУ се докажани пријатели на земјата и оти ќе работат и во интерес на земјите кандидати, но и за напредокот на самата Европска унија.

– Како досегашна министерка за одбрана на Германија, Урсула фон дер Лајен секогаш ја поддржувала земјава, најексплицитно за НАТО интеграцијата.Таа носи огромно чувство за проширувањето како процес, дали е тоа за НАТО или ЕУ. Во новата претседателка ние имаме голем пријател – рече Заев.