Македонија Заев најави импичмент за Иванов ако не го почитува референдумот за Договорот...

Заев најави импичмент за Иванов ако не го почитува референдумот за Договорот со Грција

Премиерот Зоран Заев вчера во интервју за телевизијата „Канал 5″ изјави дека е можно собраниското мнозинство да побара импичмент за претседателот Ѓорге Иванов ако не го потпише договорот со Грција откако граѓаните на референдум би се изјасниле позитивно за спогодбата. За евентуалното повторно покренување на оваа постапка, според Уставот на Република Македонија неопходни се двотретински мнозинства и во Собранието и во Уставниот суд.

-Има желба за окрупнување на парламентарното мнозинство и тоа ќе го направиме исклучиво за импичмент на претседателот, ако мораме. Јас немам намера да работам на тоа, во моментов имам попаметни работи, но сѐ што е парламентарна демократија ние ќе го искористиме да дојдеме до таа можност граѓаните да одлучат за иднината. И на таа одлука ќе мора сите да ѝ се поклониме и да ја испочитуваме до крај. Граѓаните се тие што ќе решат дали сакаат промена на името, но ако на референдумот договорот се прифати, никој нема право да го попречува нивното мислење – рече Заев.

Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.