Македонија Заев на средба со Курц: Очекуваме почеток на преговори со ЕУ во...

Заев на средба со Курц: Очекуваме почеток на преговори со ЕУ во 2018 година

На маргините на Виенскиот економски форум, премиерот Зоран Заев се сретна со актуелниот министер за надворешни работи на Австрија и мандатар за составување на новата австриска влада, Себастијан Курц.

На средбата Заев и Курц ја потврдиле активната политичка, економска и секторска соработка. Курц му честитал на Заев за демократски спроведените избори, а Заев го информирал за напредокот во реализацијата на планот „3-6-9“.

Во однос на заедничкиот предвизик од мигрантската криза, Заев потврдил дека Македонија останува посветен партнер на ЕУ во справувањето со предизвиците што ги отвори мигрантската криза.

Заев му се заблагодарил на Курц за континуираната поддршка што Македонија ја добива од Австрија во процесот на европските интеграции на земјата и оценил дека е исклучително важно и поволно што Австрија ќе биде претседавач со ЕУ во втората половина на 2018 година.

– Ние сме посветени на процесот на домашни реформи и ќе испорачаме резултати, а од другата страна очекуваме јасен патоказ за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и почеток на преговори во 2018 година – соопшти Заев.

Курц го информирал Заев дека Австрија го следи процесот на демократски реформи во Македонија и е подготвена да ги поддржи реформите за да ги дадат очекуваните резултати.

Двајцата лидери се согласиле на почетокот на идната година Курц да ја посети Република Македонија.