Македонија Заев на средба со Хојт Ји, се разговарало за Договорот од Пржино...

Заев на средба со Хојт Ји, се разговарало за Договорот од Пржино и за фер и демократски избори

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со Брајан Хојт Ји, заменик на помошникот на државниот секретар на американскиот Стејт Департмент задолжен за европски и за евроазиски прашања.

Како што соопштија од СДСМ, на средбата се зборувало за актуелната политичка состојба во Македонија, за имплементацијата на Договорот од Пржино и за обезбедување услови за слободни, фер и демократски избори.

Заев ги пренел очекувањата дека Државната изборна комисија ќе ги зголеми напорите за навремено и квалитетно прочистување на избирачкиот список, во согласност со законските рокови, за да се обезбеди веродостоен список и рекол дека реформите во медиумите се еден од клучните услови, директно поврзан со предизборниот и со изборниот процес, за граѓаните слободно да ја изразат својата волја.

„Хојт Ји рече дека времето е кратко и дека е потребно брзо решение за реформи на медиумите и дека за САД е клучно во Македонија да се завршат процесите за зајакнување на демократија и да се спроведат слободни, фер и демократски избори. САД, како и меѓународната заедница, одблиску ќе ги следат прочистувањето на избирачкиот список, реформите во медиумите и целокупната атмосфера, за да се осигураат услови за слободно изјаснување на граѓаните на фер избори“,пишува во соопштението на СДСМ.

Хојт Ји рекол дека е многу важно да се поддржи работата на Специјалното јавно обвинителство и владеењето на правото, додека Заев изјавил дека СДСМ не ја коментира работата на Специјалното јавно обвинителство, но ја поддржува.

„Очекуваме и од сите политички чинители во општеството, особено партиите потписнички на Договорот од Пржино, да ја поддржат работата на оваа независна институција, во интерес на граѓаните и на враќањето на правдата во Република Македонија“, додаде Заев.