Македонија Заев: На Денот на независноста, ветувам дека заедно ќе изградиме правна држава

Заев: На Денот на независноста, ветувам дека заедно ќе изградиме правна држава

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска, по повод утрешниот празник 8 Септември, Денот на независноста, пред зградата на Собранието изјави дека со граѓаните ќе се бори за правна држава, во која граѓаните ќе го имаат главниот збор.

– Почитувани граѓани, драги млади! Чекор по чекор, но заедно се ослободуваме, сплотени еден до друг. Го кренавме гласот заедно. Заедно и ќе изградиме правна држава. Заедно и ќе создадеме правично општество на еднакви граѓани. Секој од нас е двигател на промените. Ние знаеме дека секој од нас заслужува пристојна работа, пристојна плата и достоинствен живот. Тоа e патот до стабилна и безбедна Македонија, Македонија што се развива, Македонија што ја развиваат граѓани кои мислат слободно, дејствуваат слободно, се изразуваат слободно, избираат слободно. Повикувам да покажеме дека сме подготвени за обнова на таа Македонија денеска, на овој 8 септември 2016 година, за да ги поттикнеме денешните генерации млади да се видат себеси во својата земја. Тие да продолжат да надградуваат. Тоа ние да им го овозможиме. Да извлечеме поука од искушенијата низ кои поминавме како држава, како граѓани, групи, заедници, политички партии, како индивидуи изминатите 25 години – рече Заев.

Лидерот на опозицијата додаде дека ниту еден предизвик не ја погоди земјата како што тоа го направила недемократската власт изминатите 10 години.

– Предизвикаа тешка сиромаштија, создадоа земја на понижени, уценети граѓани, применија огромни казни и притисоци, го окупираа системот со што ја внесоа земјата во многу длабока криза. Затоа повеќе од секогаш потребна е исклучителна сериозност, од секого поединечно. Подавам рака на сите, на вас младите, на вас раселените, на вас родителите, на вас чесните, трудољубивите, на вас трпеливите – изјави Заев.