Македонија Заев: Македонија мора да биде земја со нула толеранција за корупција

Заев: Македонија мора да биде земја со нула толеранција за корупција

Република Македонија мора да биде средина со нула толеранција за корупција. Законскиот пакет од оваа област мора да биде сеопфатен и ефикасен: За да се алармираат коруптивните активности, конфликтите на интереси, злоупотребата во финансирањето на политички партии и изборните кампањи. Мора да обезбедиме поголеми ингеренции за максимална ефикасност на Државната комисија за спречување на корупцијата, порача премиерот Зоран Заев на завршната конференција на Мрежа 23, насловена, „Поглавје 23: Пандорина кутија или клуч за добро владеење“, во организација на Институтот за европски политики и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Покрај него, на конференцијата учествуваа и вицепремиерот Бујар Османи и министерката за правда, Рената Дескоска.

Заев рече дека вистински реформи во правосудството и борбата против корупција се нешто што го бара и ЕУ, но и на Македонија не и одговара неквалитетна законска рамка.

– Нам, како земја која влезе во овие реформи, и како земја која доби чиста препорака и очекува датум за старт на преговорите, ни е сосема јасно дека ниту Европската Комисија ниту земјите-членки на ЕУ нема да прифатат половично реализирани реформи. Крајно, и најбитно, ни нам не ни се потребни половично реализирани реформи. Напротив, зборуваме за коренити промени – рече Заев.

Посочувајќи дека корупцијата и кршењето на човековите права се причината што ги изнела луѓето на протести и доведе до смена на власта, премиерот повика на беспоштедна борба и во иднина против тие зла.

– Владата на Република Македонија, судиите и судската администрација, борците против корупцијата во независните контролни агенции и невладини организации, борците и активистите за човекови права, граѓаните на нашата земја – сите ние, треба докрај да ја отвориме кутијата на правосудството, без разлика дали е Пандорина, и храбро и отворено да продолжиме со реформите. Само така можеме да градиме држава по европски правила, без разлика колкав е отпорот кон новите демократски промени – порача Заев.

Министерката за правда, Рената Дескоска, која ја презеде функцијата вчера, рече дека борбата против корупцијата е прашање на кое секоја земја ја покажува способноста за ефикасно спроведување на донесените закони.

– Секој чекор во имплементацијата на Поглавјето 23 во Република Македонија е чекор напред во јакнење на правната сигурност и довербата на граѓаните во судскиот систем и во правната држава – рече Дескоска.