Македонија Заев – Јанакакис: Создадена е позитивна атмосфера за градење доверба меѓу Македонија...

Заев – Јанакакис: Создадена е позитивна атмосфера за градење доверба меѓу Македонија и Грција

Премиерот Зоран Заев денеска со грчкиот амбасадорот Димитрис Јанакакис разговараше за можностите што ги отвораат политиките на пријателство и на соработка во духот на меѓусебно почитување, соопштија од кабинетот на премиерот.
На средбата е констатирано дека е создадена позитивна атмосфера за градење доверба и за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Грција.

– Пративме позитивни сигнали за добрососедска соработка, затоа што новата влада е определена за примена на европските вредности и на политики на градење мостови. Добиваме назад позитивни сигнали од нашите соседи, што ги сметаме за голем чекор во развојот на добрососедските односи и во отворањето перспективи за граѓаните и за Република Македонија – рече Заев, притоа повторувајќи дека стратешка определба на Македонија е членство во Европската Унија и во НАТО.

Грчкиот амбасадор Јанакакис изразил подготвеност за соработка меѓу двете земји на различни нивоа. Во таа насока, на средбата се разгледани и можностите, освен за унапредување на политичката клима на доверба, и за интензивирање на соработката меѓу Македонија и Грција на полето на економијата и инвестициите, културата, образованието, екологијата, туризмот, енергетиката, што се практична потреба на граѓаните на двете земји.