Главна секција Заев: Избори може да има во октомври

Заев: Избори може да има во октомври

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за агенцијата „Бета“, што го пренесе српскиот јавен сервис РТС изјави дека Договорот од Пржино може да се реафирмира и дека до октомври може да се подготват услови за фер и демократски избори. Заев рекол дека опозицијата предводена од неговата партија ќе победи на изборите.

– Анкетите покажуваат дека опозицијата води во Македонија, ние сме прворангирана партија, но секако треба да имате предвид дека живееме во режим кој ги контролира и граѓаните и им прави огромен притисок и затоа веруваме дека процените во анкетите се многу поголеми во корист на СДСМ – изјавил Заев.

Заев истакнал дека предуслов за продолжување на политичкиот договор за решавање на политичката криза е повлекувањето на сите аболиции кои ги даде претседателот Ѓорге Иванов.

– Веруваме дека во летниот период ќе биде јасно дефинирано како да излеземе од кризата. Летото во секој случај нема да биде спокојно и мирно. Се зависи од тоа што ќе се случува до крајот на јуни – рече Заев.

Лидерот на опозицијата рекол дека во Македонија се води гандиевска борба со цел граѓаните да покажат дека режим може да се бутне и без човечки жртви.

– Граѓаните во Македонија веќе не се плашат како порано. Доаѓа време во кое тие се се похрабри. Дури и членови на ВМРО-ДПМНЕ го чекаат ослободувањето на Македонија – вели Заев.

Тој додал дека неговата партија ја поддржува „Шарената револуција“ бидејќи сметаат дека граѓанските организации треба да имаат сериозна улога во македонското општество.