Македонија Заев: Имаме план за живот во Македонија, слушнете го!

Заев: Имаме план за живот во Македонија, слушнете го!

Облечени во црвено-бели маички на кои пишува „Имаме план за живот во Македонија“, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и неколкумина млади од партијата ја најавија новата акција на опозициjата.

Во своето обраќање, Заев ги уверува граѓаните дека во Македонија ќе има убав живот и дека промените се во тек. Тој најави повисоки плати за сите, пристојна работа за сите, институции и власт кои се во контрола на граѓаните.

„Ете, поради овие толку посакувани промени, го создадовме овој „план за живот во Македонија“. Ова е план за едно општество за сите, за Македонија за сите. Со овој план ќе дојдеме до секој од вас. Планот мора да го одобрите вие, граѓаните. За ваква реформа мора да имаме договор, бидејќи ние се одлучивме за сојуз со вас, граѓаните. Повеќе пари во секој семеен буџет, нови работни места, шанси за младите за живот во Македонија…“, најави Заев во обраќањето.

Тој рече дека во периодот што доаѓа, млади од партијата ќе им пристапуваат на граѓаните и ќе ги прашуваат дали го одобруваат новиот план на СДСМ.