Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, денеска имаше проштална средба со амбасадорката на Франција во Република Македонија, Лоранс Оер.
Како што наведуваат од партијата, Заев ѝ се заблагодарил на амбасадорката Оер за придонесот во развивање на односите помеѓу Франција и Македонија, како и за нејзината силна поддршка за земјава и за сите нејзини граѓани.
– Сакам да Ви се заблагодарам лично Вам за Вашата неизмерна поддршка досега, како и за поддршката и за помошта што Франција ја дава на Република Македонија. Очекуваме оваа поддршка да продолжи и да се интензивира уште повеќе во наредниот период – посочил Заев.
На средбата се разговарало и за актуелни теми поврзани со моменталната политичка состојба во Македонија, како и за целите што треба да се исполнат за демократизација и за конечно надминување на политичката криза преку веродостојни избори.
Од партијата наведуваат дека заеднички било констатирано дека следните предвремени парламентарни избори што ќе се одржат во декември мора да бидат фер и демократски и оти е потребно да се испочитуваат роковите.
– За СДСМ иднината на Македонија е во Европската Унија и во НАТО. СДСМ ќе направи сè да ја врати земјата на демократскиот колосек, на патот на евроинтеграциите и на економскиот напредок, што ќе донесе подобар животен стандард на граѓаните – посочил Заев.
На крајот од средбата, Заев ѝ посакал успех на амбасадорката Оер во нејзините идни ангажмани, со надеж дека Македонија ќе може и понатаму да смета на нејзината поддршка.