Економија Заев и Рама: Македонија и Албанија немаат отворени политички прашања

Заев и Рама: Македонија и Албанија немаат отворени политички прашања

Македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот албански колега, Еди Рама, на синоќешната средба во Скопје констатирале дека Република Македонија и Република Албанија имаат одлични политички односи, без отворени прашања и дека е тоа добра основа за интензивирање на соработката во насока на примена на европските стандарди, економската соработка, како и обезбедување услови за евро-атлантски интеграции на целиот регион, соопшти владината служба за информирање.

Еди Рама стаса вчера во Скопје за „Самит 100“, а како што информираа од Владата, му честитал на Заев за фер и демократски спроведените локални избори.

– Резултатите од изборите се ветар во грб за демократската агенда, како и поддршка на реформските политики што отвораат перспективи. Тие се победа на концептот едно општество за сите, што ги обедини граѓаните. Ќе направиме сè што треба за да ја оправдаме довербата и да обезбедиме квалитетен живот за сите граѓани во Македонија – рекол премиерот Заев.

На средбата разгледани се можности за унапредување на економската и на трговската соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија. Посочено е дека заедничкото учество на „Самит 100“ во Скопје е доказ за политичката волја за развој на регионалната економска соработка, за поврзување на бизнис-заедниците, заеднички инвестиции, вмрежување, транспортно поврзување.

Двајцата премиери се договориле и за заеднички владини седници.