Главна секција Заев и Борисов денеска ќе го потпишат договорот за добрососедство

Заев и Борисов денеска ќе го потпишат договорот за добрососедство

Владата на Република Македонија и премиерот Зоран Заев денеска во Скопје со сите државни и воени почести ќе ја пречекаат високата бугарска владина делегација, предводена од премиерот Бојко Борисов.

Официјалната церемонија за добредојде на бугарската делегација, која е во дводневна посета на Македонија, ќе се одржи на платото пред Владата, со интонирање на државните химни на Република Македонија и на Република Бугарија, рапорт на командантот на почесната воена гардиска единица, поздрав на знамето на Република Македонија, обиколка на почесната воена гардиска единица и со поздравување од страна на бугарскиот премиер Борисов.

По церемонијата е предвидена тет-а-тет средба меѓу Заев и Борисов, а потоа ќе се одржи билатерален состанок на двете делегации, по што на посебна церемонија, премиерите ќе го потпишат договорот за пријателство, добрососедство и за соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Во рамки на церемонијата ќе бидат потпишани и меморандуми за соработка во повеќе области.

Бугарската ввладина делегација денеска ќе се сретне со претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, како и со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов.

Првата средба на Борисов и на Заев беше на 20 јуни во Софија.