Економија Заев, Анѓушев и Спасовски разговарале со претставници на синдикатот на „Југохром“

Заев, Анѓушев и Спасовски разговарале со претставници на синдикатот на „Југохром“

Премиерот Зоран Заев, вицепремиерите Кочо Анѓушев и Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и претставникот од Министерството за животна средина, Лирим Шабани, на денешната средба со претставниците на синдикатот на работници во комбинатот „Југохром“, Бајрам Амити и Светислав Спасовски, како и со генералната секретарка на СИЕР, Маре Анчева, разговарал за можноста за рестартирање на „Југохром“, кој не работи веќе осум месеци, поради што 1.200 вработени се без егзистенција.

– Решение за проблемот има, ако постои волја од сите засегнати страни. Проблемот треба да се реши институционално. Ќе направиме сè, преку активна посветеност, да помогнеме ова прашање да се реши – рекол Заев.

Претставниците на синдикатот на работници на „Југохром“ ги презентирале проблемите со кои живееле во изминатите осум месеци, откако не работи комбинатот, при што некои од порано вработените заминале од родните огништа.

Заев најави дека по денешната средба со синдикалните преставници на вработените во „Југохром“, тој и претставниците на Владата ќе се сретнат и со менаџментот на фабриката, во врска со поставувањето на еколошките филтри, како и со еколошките здруженија.