Премиерот на Македонија, Зоран Заев, денеска испрати телеграма со сочувство дo премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, по синоќешниот терористички напад во Лондон, во кој животите ги загубија седум лица, а 48 се повредени.
„Во име на граѓаните на Република Македонија, на Владата на Република Македонија и во мое лично име изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите во ужасниот напад во Лондон, до Владата на Велика Британија и до граѓаните на Британија. Најостро го осудуваме овој кукавички напад врз невини жители на Лондон, на Лондонскиот мост и во околните ресторани, меѓу кои има и посетители на Лондон“, се наведува во телеграмата.
Секој акт на загрозување човечки животи, каде и да се случи, се нагласува во телеграмата, е загрозување на слободата и на спокојот на целото човештво.
„Се солидаризираме со граѓаните на Велика Британија и цврсто и решително застануваме на страната на Британија. Потребно е да се дејствува мудро и внимателно во интерес на мирот во Велика Британија и во светот. Уверени сме дека истрагата ќе ги расветли докрај мотивите за нападот и нарачателите, а инволвираните ќе се соочат со правдата. Република Македонија е подготвена да помогне и да дејствува обединето со демократскиот цивилизиран свет во справувањето со сите облици на насилство и тероризам. Нашите мисли и молитви се со граѓаните на Велика Британија“, напиша премиерот Заев во телеграмата до британската премиерка Меј.