Македонија Заев: Блиску сме до договор

Заев: Блиску сме до договор

Партиите се блиску до договор за избирачкиот список, изјави денеска во Велес, Зоран Заев кој се надева дека најверојатно ќе се прифати решението за активна регистрација.

–  Најверојатно ќе се договори решение коешто ќе значи целосна нова регистрација и создавање на нов изборачки список со биометрискиот отисок. Последното е сугерирано, но не значи дека и финално тоа ќе остане, да се пристапи во посета на домовите на сите граѓани во одреден период, а ќе останат уште некои два месеци за дополнително и оние граѓани коишто не се најдени дома, за да може да се регистрираат и да бидат сите опфатени во новиот избирачки список – рече Заев.

Договорот, пак, за составот на Државната изборна комисија најверојатно ќе биде 3 + 3 + 3, односно тројца претставници од власта, тројца од опозицијата и тројца експерти.

– Околу составот, во моментот се разгледуваат неколку варојанти. Она што последно е разговарано, да бидат тројца од власта, тројца од опозицијата и тројца експерти, коишто секако без нивниот глас како експерти, независни од политичките партии, не може да има незаконско одлучување во делот на ДИК. Се разговара и во делот на жалбите и постапките коишто следуваат – рече Заев.

Околу специјалниот јавен обвинител, според Заев, не се почнати сериозни разговори, но опозицијата веќе има подготвено предлог-закон во кој стои специјалниот обвинител да биде посебно тело во правосудниот систем.