Македонија Заев ќе биде повикан да сведочи за случајот „Монструм“, вели Фетаи

Заев ќе биде повикан да сведочи за случајот „Монструм“, вели Фетаи

Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи на денешното судско рочиште најави дека ќе го повика премиерот Зоран Заев да сведочи за случајот „Монструм“.

На следното судско рочиште на 5 септември во судницата ќе се слушаат телефонските разговори кои беа објавени во „бомбите“ на СДСМ, а коишто беа поврзани со петкратното убиство кај Смилковско езеро.

На денешното рочиште за случајот „Монструм“ од обвинителството беше доставен дополнителен доказен материјал, којшто како нови транскрипти ќе биде објавен на следното рочиште на 5 септември.

Случајот „Монструм“ се води за петкратното убиство што се случи кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. Во претходна постапка за овој предмет на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина нивните пресуди.