Главна секција За ВМРО-ДПМНЕ преговорите се активни, за СДСМ сè е на стенд-бај

За ВМРО-ДПМНЕ преговорите се активни, за СДСМ сè е на стенд-бај

Нема никаков знак дека и денеска нешто ќе се случува околу преговорите на политичките партии. Утре е можно Европската комисија да го затвора извештајот за напредокот на земјава, од што зависи дали на Македонија ќе ѝ биде одземена препораката. Најавите се дека продолжувањето на препораката зависи од тоа дали Договорот од Пржино ќе биде имплементиран.

Од ВМРО-ДПМНЕ за „Мета“ велат дека преговорите за нив се „активни“, но и дека тие вообичаено не кажуваат дали ќе има средби и додаваат „за тоа може да го прашате посредникот во преговорите (Питер ван Хојте, н.з.)“.

Извори во СДСМ велат дека тие немаат никакви активности, ниту, пак, билатерални средби.

– Нашите ставови се чисти и нема за што да разговараме на билатерални средби, тоа треба да се реши со ВМРО-ДПМНЕ. Работата е закочена со надлежностите на министерот за внатрешни работи и со помошниците-обвинители на специјалната обвинителка Катица Јанева – велат тие за „Мета“.

Заменик-претседателката на партијата, Радмила Шекеринска, ни потврди дека засега нема ништо ново и не се знае дали до вечер нешто ќе се случува.

Неофицијално се зборува дека викендов олеснувачот Питер ван Хојте ги „пеглал“ ставовите на ВМРО-ДПМНЕ со министерот за здравство, Никола Тодоров, но дали нешто се постигнало, засега нема информација.

Досега не е закажана ниту заедничка средба на работната група, на која четирите партии учесници во процесот, повторно би седнале на заедничка маса.