Хроника За убиството на младиот радовишанец осомничен негов братучед

За убиството на младиот радовишанец осомничен негов братучед

Полицијата го расчистила убиството на 26-годишниот Јашар Р., чие безживотно тело во четвртокот минатата недела беше пронајдено во куќа во Радовиш, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Кривична пријава е поднесена против Д.С. (28) од Прилеп, братучед на убиениот, кому судија на претходна постапка му одредил мерка притвор од 30 дена.

Според МВР, убиството се случило минатиот понеделник (2 ноември), а причина било тоа што Јашар Р. ѝ се додворувал на девојката на својот братучед, со која тој бил кај него на гости.

„Околу 21 часот, пријавениот излегол до продавница, а за тоа време Јашар Р. ѝ изјавил љубов на П.Ј., но бидејќи таа го одбила, ја удрил во пределот на главата. Пријавениот, враќајќи се од продавница, ја слушнал расправијата помеѓу Јашар Р. и П.Ј., по што почнал расправија со сега починатиот, која подоцна преминала во физичка пресметка. Кога настанала физичката пресметка, П.Ј. отишла во ходникот, бидејќи пријавениот ѝ кажал да се потргне, и во еден момент видела како Јашар Р. паднал на земја, додека пријавениот со клоци удирал по него, а потоа го притиснал со нога на вратот. По настанот, Д.С. и П.Ј. излегле од куќата, пријавениот ја заклучил влезната врата и заминале за Прилеп“, стои во соопштението на МВР.