Економија За седум години се вработиле 36.500 лица

За седум години се вработиле 36.500 лица

Преку оперативните планови на активни програми и мерки за вработување на Владата, вработени се повеќе од 36.500 лица од 2007 година до денес.

– За оваа година усвоивме нов оперативен план, во кој сега се вклучени и услугите на пазарот на трудот и со кој се очекуваат нови 8.200 вработувања. Со него, посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години, но и ќе се настојува да се постигне еднаква застапеност на мажите и на жените – изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, на Регионалната конференција за вработување и социјална инклузија  во Југоисточна Европа и во Турција во хотелот „Александар палас“.

Спасов говореше и за најновиот проект „Македонија вработува“, кој треба да отвори нови работни места и за оние помладите до 35 години со три години ослободување од плаќање придонеси и за оние повозрасните од 35 до 50 години.

– Со оваа мерка ќе бидат вклучени и ранливите категории, приматели на социјална помош, инвалидите и родителите на деца со пречки во развојот, со ослободување од плаќање придонеси од цели пет години и за повозрасните од 58 години, со целосно ослободување од придонеси до пензионирање – објасни Спасов.

Оперативниот план за вработување е поддржан од Инструментот за претпристапна помош (ИПА),Светската Банка, УНДП, УСАИД и од британската влада.

Невработеноста во Македонија изнесува 27,6 отсто.