Ctrl - Z За првпат Македонец ќе се натпреварува на светско првенство во Валорант

За првпат Македонец ќе се натпреварува на светско првенство во Валорант

Победниците на турнирот ќе ја освојат титулата шампиони во Валорант и паричната награда од вредност од милион американски долари

Емил Трајковски „runner“ на големото финале на регионалниот турнир за Европа во Берлин. Фото: Michal Konkol/Riot Games, via Valorant Esports EMEA, CC BY NC 2.0.

Oд 1 до 25 август во Сеул, Јужна Кореја ќе се одржи „Valorant Champions 2024“ – најгледаниот, најважниот и најпрестижниот годишен турнир во играта Валорант. Mеѓу 80-те натпреварувачи е и Македонецот Емил Трајковски.

Најдобрите 16 екипи од целиот свет ќе одиграат вкупно 34 мечеви, поделени помеѓу групна фаза и плејоф, кои ќе кулминираат во едно големо финале. Победниците на турнирот ќе ја освојат титулата шампиони во Валорант и паричната награда од вредност од милион американски долари.

На овој турнир учествуваат најдобрите 16 тимови во светот, по 4 од секоја од четирите региони на „Valorant Champions Tour“, официјалната лига организирана од „Riot Games“, издавачот на Валорант.

Четирите региони се: Америки (Јужна и Северна Америка), „EMEA“ (Европа, Блискиот Исток и Африка), Пацифик (Азија и Океанија) и Кина.

По три тимови се квалификуваа достигнувајќи прво, второ или трето место во нивните регионални турнири, при што секоја регионална лига се состои од 11 тимови. Тимовите се составени од по 5 играчи.

За првпат во историјата, меѓу играчите на најпрестижниот натпревар има и македонски претставник, Емил Трајковски, кој настапува под прекарот „runner“. Како дел од второпласираната европска екипа, „Team Vitality“,  Емил ќе има шанса да се бори за титулата на валорант шампион.

Тимот го предводи Литванецот Јокубас „ceNder” Лабути. Тие пред неполни две недели, на 20. јули го остварија нивниот најголем успех како финалисти во нивната ЕМЕА лига, губејќи само во регионалното финале против тимот „Fnatic“, повеќекратни регионални и меѓународни шампиони.

Овој тим е дел од француската организација „Vitality“, која е една од најуспешните во е-спорт бизнисот. Нивните тимови се натпреваруваат во повеќе различни на -спортови и се повеќекратни светски шампиони во истите. Нивниот тековен тим за Валорант нема ниту еден француски играч, туку се состои од играчи од други европски земји кои  работат за плата.

Освен нашиот 20-годишен претставник Емил и 22-годишен лидер Јокубас, тимот на „Vitality“се состои од уште 3 други играчи: 20-годишниот Никита „trexx“ Чередниченко од Русија, 18-годишниот Кимми „Kicks“ Лааснер од Естонија и 23-годишниот Саиф „Sayf“ Џибраеел од Шведска. Покрај играчите, тимот се состои уште од двајца Британци, главниот тренер Хари „Gorilla“ Мепхам и неговиот асистент тренер, Лаике „temoc“ Луис.

Тимот на „Vitality“ се сместени во група заедно со кинескиот тим „Trace“, најниско пласираниот азиски тим „Talon“, но шампионите на американската лига, „Leviatán“.

Награди и за гледачите

Тимот Vitality ќе го одигра првиот меч на 3. август во 13 часот попладне по средноевропско време, против третопласираниот кинески тим, „Trace Esports“.  Мечот ќе може да се гледа во живо на платформите на Јутјуб или Твич.

И гледачите на турнирот може да добијат ексклузивни награди во самата игра, доколку ги поврзат своите кориснички профили на Валорант (Riot Games) со профилите на Јутјуб или Твич.

Снимка на екранот на делот pick’ems на веб-сајтот Valorant Esports.

Освен ова, во самата игра, или преку официјалниот веб-сајт Валорант еспортс, гледачите може да добијат ексклузивни награди и преку предвидување на резултатите, во делот „pick’ems“. Предвидувањата за групната фаза може да се внесат до 1 август пред да почне самиот турнир, а предвидувањата за плејофот можат да се внесат во периодот од 11 до 14 август.

Оние кои совршено ќе ги предвидат сите резултати ќе ја освојат титулата „100%“ која што ќе може да си ја покажат на сопствениот профил во играта.