Дописници За две години само 500 туристи ја посетиле реставрираната Саат-кула во Гостивар

За две години само 500 туристи ја посетиле реставрираната Саат-кула во Гостивар

Саат-кулата во Гостивар, откако пред две години беше реставрирана, ја посетиле околу 500 туристи, од кои поголемиот број биле странски посетители.

Од Конзерваторскиот центар од Гостивар велат дека е потребно преку разни проекти да се промовираат културните добра за да се побуди интересот на туристите.

– Конзерваторскиот центар работи на промоција на културните вредности на градот. Неодамна, преку посебен проект, беше изработена и монографија со податоци и со фотографии од позначајните културно-историски обележја на Гостивар – изјави Аднан Фејзулаи, директор на Конзерваторскиот центар од Гостивар.

Саат-кулата важи за еден од најпрепознатливите објекти на Гостивар. Како симбол на градот, ја има на општинското знаме и на грбот. Записите говорат дека била изградена во 17 век од Исмаил-ага, чие име како донатор со османлиско писмо го пишува на плочата пред влезната врата.

З.Д.