Македонија За цела сезона на грип починале 14 лица, сите биле невакцинирани

За цела сезона на грип починале 14 лица, сите биле невакцинирани

Во сезоната 2023/2024, вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 14.490. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 41,8 отсто

Извор на фотографија: Министерство за здравство

Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се 14 починати лица асоцирани со грип, седуммина се од Скопје, двајца од Штип и по едно лице од Велес, Куманово, Неготино, Гостивар и Демир Хисар, наведено е во последниот извешетај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој се однесува на ова заболување. Сите биле хоспитализирани и сите биле невакцинирани.

„Седум биле од возрасната група на лица 15-64 години и седум од возрасната група на лица над 65 години, сите хоспитализирани, 12 со коморбидитети и сите невакцинирани против сезонски грип“, наведено е во извештајот.

Инаку, во сезоната 2023/2024, вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 14.490. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 41,8 отсто.

Во текот на 13 недела од оваа година, во државата се пријавени 163 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип (или), 38,5 отсто помалку во споредба со претходната недела.

Како што е наведено во извештајот, по месеци, во март има најмалку регистрирани случаи – 1.108. Во ноември оваа бројка била 268, во декември – 829, во јануари – 5.716 случаи, а во февруари биле евидентирани 6.373 случаи на лица заболени од грип.

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО), а тоа се постарите лица (над 65 години), деца на возраст од 6 до 59 месеци, лица постари од 6 месеци со хронични болести, бремени жени и здравствени работници.