Македонија Времето уште денеска сончево и топло, од утре дожд

Времето уште денеска сончево и топло, од утре дожд

Фото: Арбнора Мемети

Времето во земјава денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

Утринските температури ќе се движат од 6 до 15 Целзиусови степени, додека дневните температури ќе бидат меѓу 22 и 31 Целзиусов степен.

Во Скопје времето сончево и топло, со температури од 13 до 30 Целзиусови степени.

Според прогнозата на УХМР, под влијание на влажен бран во четврток и петок ќе биде облачно со врнежи од дожд. Пообилни врнежи ќе има во четврток доцна попладне и во ноќта кон петок, локално и над 30 литри на метар квадратен. Ќе дува засилен северен ветер кој ќе предизвика значително опаѓање на дневните температури.