Македонија Вработените во градинките први денеска ќе се тестираат на Ковид-19

Вработените во градинките први денеска ќе се тестираат на Ковид-19

Детска градинка „13 Ноември“ | Фото: Архива на Мета.мк

Министерството за здравство информира дека денеска започна таргетираниот скрининг на одредени критични категории на пациенти за Ковид-19. „Почнуваме со вработените во градинките, паралелно со процесот за изготвување на протоколот за работа на градинките и нивно ставање во функција. Сметаме дека е ова најдобриот пристап, затоа што и на тие несвесни носители на вирусот, ќе бидеме во можност контактите да ги ставиме во изолација. Затоа и го нарековме, таргетиран скрининг“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Како што информира Министерството за здравство, таргетираниот скрининг за вработените во градинките се спроведува по посебен протокол и со земање на брисеви во пунктовите со веќе дефинирано работното време, од 8 до 14 часот.

Спред Министерството за здравство, Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје направиле план за скрининг на лица за кои се смета дека се во критична категорија. Во овој скрининг ќе бидат тестирани здравствени работници, вработени во градинки, во домови за згрижувањена на стари лица, пациенти со хронични болести кои беа одложувани, пациенти на биолошка терапија. Скринингот ќе се прави со ПСР тестови, а целта на тестирањето е да се идентификуваат асимптоматските носители на вирусот, односно луѓе кои се заразени, а не се свесни поради тоа што немаат симптоми. Со тоа ќе се овозможи поквалитетна проценка за можноста за олабавување на рестриктивните мерки, но и значително зголемување на бројот на тестови.