Дописници Војската дојде на помош во поплавената Пелагонија

Војската дојде на помош во поплавената Пелагонија

Од утрово припадници на АРМ, Кризниот штаб на пелагониските општини и месното население, почнаа голема акција за санирање на штетите на коритото на реката Црна во Пелагонија, која се излеа на неколку места. Вреќи со песок се поставуваат на најкритичните места од селото Тополчани, па сè до течението на Црна во општините Могила и Новаци.

– Од рано утрово почнавме со работа. Се полнат 10.000 вреќи и веќе ги поставуваме на оние места каде коритото беше оштетно. Тука е и војската, а се очекува претпладне да нè посети и претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов. Во моментов сме во атарот на Тополчани – вели Димче Јошевски, раководител на Дирекцијата за заштита и спасување во Битола.

Црна сè уште прави проблеми во пелагониските општини Могила и Новаци. Критични се селата Лознани и Чарлија.

– На терен сме заедно со војската и со локалното население, да помогнеме да се врати во првобитната состојба коритото на Црна, кај неколку села каде постои опасност од поплавување и на домовите и на шталите – вели утрово градоначланикот на Новаци, Лазар Котевски.

Синоќа во Битола беше и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој најави дека во големата акција за справување со поплавите во Пелагонија ќе се вклучи Армијата со повеќе од 250 војници, кои ќе работат на два пункта на реката Црна каде што има излевање на водите, а целта е да се санира коритото каде што е пробиено.

– Доколку успееме, тогаш целосно ќе ја спасиме општината Новаци од дополнително излевање на водата – рече министерот Јанакиески.

Во поплавените региони веќе се врши контрола на водата за пиење, а според Јанакиевски, донесени се повеќе мерки за периодот по повлекувањето на водата, за дезинфекција и за дезинсекција на површините.

А.Б.