Култура Во вторник почнува Зимскиот поетски фестивал во Скопје

Во вторник почнува Зимскиот поетски фестивал во Скопје

Во организација на „Струшките вечери на поезијата“, од вторник до 11 декември во Скопје ќе се одржи првиот „Зимски поетски фестивал“, на кој ќе учествуваат четворица врвни поети од земјава и од странство, пишува порталот „Лидер“.

Според директорот, Мите Стефоски, овој фестивал е дел од промените за проширување на функционирањето на институцијата, за во зимскиот период да овозможи интензивна активност на „Струшки вечери на поезијата“ насекаде низ земјава.

– „Зимски поетски фестивал“ ќе се одржи во период кога не само во Струга, туку и во Република Македонија нема поголеми книжевни настани. Целна публика ќе биде академската средина, затоа и ќе се одржува на Филолошкиот факултет во Скопје – изјави Стефоски.

Директорот најави проширување на фестивалот во наредните години и на универзитетите во Штип, Битола, Охрид и во други градови во земјава.

Програмата ќе се одвива во четири фестивалски дена, со фокус на тројца странски поети и актуелниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“. Годинашни учесници ќе бидат Мохамед Бенис од Мароко, Александар Шурбанов од Бугарија, Душко Новаковиќ од Србија и Виолета Танчева-Златева од Македонија.