Свет Балкан Во Турција се уапсени стотина приврзаници на Ѓулен

Во Турција се уапсени стотина приврзаници на Ѓулен

Турската полиција привела речиси 100 лица во рамки на истрагата за нивна наводна финансиска поврзаност со Фетулах Ѓулен од САД, кој е противник на претседателот Реџеп Таип Ердоган, јавуваат турските медиуми.

Полициската акција била спроведена во девет провинции, со фокус на Истанбул, а издаден е налог за апсење за 140 лица.

Меѓу приведените се извршните претставници и вработени во банката „Асја“, која ја основале следбениците на Ѓулен, а која државата ја заплени минатата година.

Истрагата се занимава со финансиска поддршка на групата на Ѓулен, во износ од 17 милиони долари.
Ердоган го обвинува Ѓулен за создавање паралелна држава за да ја смени власта со помош на мрежата од свои приврзаници во судството, полицијата и во медиумите.

Ѓулен, чии приврзаници управуваат со школите и се активни во медиумскиот сектор, ги отфрли обвиненијата.

Судот во Турција во декември 2014 година објави налог за апсење на Ѓулен, кој живее во егзил во САД од 1999 година.