Свет Балкан Во Тирана формирана Унија на албански општини во регионот, Тетово дел од...

Во Тирана формирана Унија на албански општини во регионот, Тетово дел од унијата

Градоначалниците на Тирана, Тетово, Приштина, Прешево и на Улцињ вчера во албанскиот главен град формираа Унија на албански општини во регионот.

Како што јавува албанската телевизија „Топ ченел“ од Тирана, првпат е формирана унија на главни општини во регионот со кои раководат Албанци, а асоцијацијата има цел да изгради механизми потребни за меѓусебна соработка.

Градоначалниците на пет градови од Албанија, Македонија, Србија, Косово и од Црна Гора пред неколку недели го договорија формирањето на Унијата на албански општини во регионот, а вчера во Тирана потпишале платформа за соработка во областа на урбанизмот, животната средина, културата, инвестициите и на иновациите.

– Набргу ќе направиме стабилна мрежа, каде ќе учиме едни од други – рече градоначалникот на Тирана, Ерјон Велијај.

На негова покана, градоначалниците на Тетово, Приштина, Прешево и на Улцињ денеска присуствуваат на одбележувањето на Денот на независноста на Албанија.

Независноста на Албанија е прогласена на денешен ден, 28 ноември 1912 година, на Големото народно собрание во Валона, а потврдена е една година подоцна со Лондонскиот мировен договор, со кој е ставен крај на Втората балканска војна.

Албанскиот национален празник е познат и како Ден на знамето. Црвеното знаме со двоглавиот орел првпат го употребил Скендер-бег во 1443 година.