Дописници Во тетовско се нормализира состојбата по големото невреме

Во тетовско се нормализира состојбата по големото невреме

Кризниот штаб е постојано на местата зафатени во невремето во тетовско. Градежна механизација се уште работи на расчистување на патниот правец Шипковица – Бродец каде се одвива сообраќајот, но со помали тешкотии. Се работи и на проширување на речните корита кои беа наполнети со земја и камења, по обилните врнежи кои го зафатија тетовскиот регион во саботата.

– Нашата механизација постојано работи на расчистување на терените, имајќи го предвид фактот дека синоќа имавме пообилни врнежи од дожд. И во наредните денови нема да ја повлечеме механизација, со цел превентивно да дејствуваме ако ни се случат нови свлечишта – изјави градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Арифи додаде дека дел од нивните служби се испратени да помогнат во Скопје, каде Општината Тетово донирала и испратила големи количини на флаширана вода.