Свет Европа Во Словенија референдум за хомосексуалните бракови

Во Словенија референдум за хомосексуалните бракови

Во Словенија се гласа на референдум за промена на Законот за брачни и семејни односи, кој предвидува изедначување на хетеросексуалниот и на истополовиот брак.

На 3.113 гласачки места, ќе гласаат 1,7 милиони граѓани.

Официјалните резултати од референдумот ќе бидат објавени на 16 февруари, а првите неофицијални – вечерва во 21 часот.

Иако гласачките места биле отворени во 7 часот, во првиот час никој од регистрираните 1,7 милиони гласачи не се појавил, јавуваат локалните медиуми.

Доколку измените и дополнувањата бидат усвоени, законот ќе почне да важи 15 дена откако ќе биде објавен во службен весник.

Собранието, откако ќе се прогласи законот за важечки, не смее да усвои друг закон кој содржајно би бил спротивен од одлуката на избирачите.

Словенечкиот парламент во март усвои закон во кој дефиницијата за брак е сменета во „заедница на две лица“, наместо „заедница на маж и жена“, со што хомосексуалните двојки добија исти права како и хетеросексуалните, вклучувајќи го и правото да посвојуваат деца.

Меѓутоа, противниците на овој закон, собрани во групата „Во прашање се деца“, веднаш покренаа кампања и успеаја да соберат 40.000 потписи неопходни за референдум.

Законот ќе биде повлечен доколку на референдумот излезат минимум 20 отсто од избирачите, а мнозинството од нив се изјаснат против.