Дописници Во штипската болница изведена сложена операција на срце

Во штипската болница изведена сложена операција на срце

Комплицирана операција, која, според лекарите, ретко се изведува не само во регионот, туку и во европските болници, му го спасила животот на 78-годишен жител на Пробиштип.

Пациентот бил примен во штипската Клиничка болница во саботата, со силни болки во градите. Лекарите процениле дека нема да го преживее транспортот до Скопје, поради што, кардиологот Бранко Петровиќ од Клиничкиот центар „Дедиње“ предложил операција на главната артерија на срцето.

– Артериите на пацинетот беа целосно стеснети. Се зафативме со сложена операција на главното стебло на артеријата во срцето. Операцијата беше комплицирана бидејќи на пациентот животот му беше загрозен – изјави д-р Петровиќ.

Било прашање на живот или смрт, поради што тимот кардиолози во штипската болница, под водство на д-р Петровиќ, кој е обучувач на хирурзите, се обиделе со овој, како што го нарекуваат, редок зафат.
Пациентот е во добра состојба и најверојатно утре ќе биде пуштен на домашно лекување.
В.К.