Економија Во првите три месеци, извозот и увозот зголемени за 10 отсто во...

Во првите три месеци, извозот и увозот зголемени за 10 отсто во однос на лани

Извозот во првите три месеци од годинава изнесува 1.202.883.000 долари и бележи пораст од 10,7 проценти во однос на истиот период лани, објави Државниот завод за статистика.

Во истиот период, увозот изнесува 1.655.213.000 долари, што е за 10,5 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-март 2017 година, изнесува 452.330.000 долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, и електричната енергија.