Дописници Во приведувањето на Петрески, од СДСМ гледаат политички прогон и монтиран судски...

Во приведувањето на Петрески, од СДСМ гледаат политички прогон и монтиран судски процес

Претседателот на локалниот разгранок и пратеник во оставка, Томислав Тунтев

Во врска со приведувањето на поранешниот градоначалник на Општина Охрид, Александар Петрески, член на највисокиоот партиски орган – ЦО на СДСМ, попладнево, со прес-конференција, се огласи општинското раководство на партијата.

Пораките ги испорача претседателот на локалниот разгранок и пратеник во оставка, Томислав Тунтев, кој упати прашање до власта: дали ѝ треба нов политички прогон со монтиран судски процес за одвлекување на вниманието на јавноста од секојдневните скандали и случувања? Тунтев констатираше дека Петрески е жртва и на фијаското на градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој не може да ги реализира ветените проекти од неговата програма, а ги задолжува охриѓани.

– Изгубената доверба во судството, селективната правда, контролата на власта врз судството и политичкиот притисок врз судиите, нотирани во извештајот на ЕК, извештајот на американскиот Стејт департмент и извештаите на други меѓународни организации, оставаат сомнеж дека и овој случај, приведувањето на поранешниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески, претставува политичка хајка и пресметка со неистомислениците на власта – додаде Тунтев.

Тунтев рече дека Петрески, како градоначалник на Охрид, бил под силен притисок, постојана контрола и соочен со целосна блокада на работењето од централната власт на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ.

Во партијата немаат дополнителни информации во врска со полициската акција „Јагула“, освен тоа што го објавуваат медиумите. Изразуваат надеж дека институциите на системот одговорно ќе ја спроведат истрагата и ќе изнесат детали за тоа во јавност, по што СДСМ ќе излезе со свој став во однос на целиот случај.