Подглавна секција Во пресрет на Рамазан, Шолц повика на траен прекин на огнот во...

Во пресрет на Рамазан, Шолц повика на траен прекин на огнот во Газа

Тој рече дека е вознемирен поради зголемената загриженост на муслиманите во Германија за нивната сопствена иднина во контекст на десничарските разговори за протерување на „непожелните“ од земјата

Фото: Michael Kappeler/dpa

Германскиот канцелар Олаф Шолц повика на прекин на огнот во Појасот Газа, „по можност веќе за време на Рамазан“. Тој вчеравечер преку видео порака рече дека примирјето треба да обезбеди ослободување на израелските заложници и поголема хуманитарна помош за Палестинците, пренесе германската новинска агенција ДПА.

„Убеден сум дека мнозинството Израелци и Палестинци сакаат мир“, рече Шолц.

Тој рече дека е вознемирен поради зголемената загриженост на муслиманите во Германија за нивната сопствена иднина во контекст на десничарските разговори за протерување на „непожелните“ од земјата.

„Нашиот одговор мора да биде многу јасен – нема да дозволиме да ја поделат нашата земја“, рече канцеларот пред муслиманскиот месец на постот.

Овие денови многумина ќе размислуваат за своите соседи на Блискиот Исток, додаде Шолц.

„Сакам да знаете дека не сте сами“, продолжи тој.

„И во Германија, многумина страдаат длабоко, поради убиените и киднапираните Израелци и судбината на невините жртви во Газа“.