Дописници Во Полошко загинаа две лица во две одделни несреќи

Во Полошко загинаа две лица во две одделни несреќи

Градежен работник на возраст од 64 години од гостиварското село Вруток, го загуби животот откако врз него паднало големо количество земја додека работел на изведување канализација.

Трагедијата се случила претпладнево, околу 11.30 часот, во гостиварското село Форино. Надлежните органи извршија увид и работат на целосно расветлување на случајот, а додека траел увидот, било присутно и лице од Државниот трудов инспекторат.

Во Полошко денеска, уште едно лице настрада во несреќен случај, односно во сообраќајна несреќа. Загина 32-годишник од Скопје, кој со возило марка „бе-ем-ве“ излетал од патот Седларево – Мерово.

– Возилото од засега неутврдени причини, изгубило контрола, излетало од коловозот, се превртело на покривот и завршило во бездна длабока дваесетина метри, на мошне непристапен терен. Од излетувањето во бездната, возачот добил тешки телесни повреди од кои починал на самото место, додека неговиот 40-годишен сопатник со телесни повреди е пренесен и задржан на лекување во тетовската клиничка болница, но по кратко време е пуштен дома – изјави портпаролот на СВР, Тетово, Марјан Јосифоски.

СВР Тетово работи на целосно расветлување на двата несреќни случаи.