Полошкиот регион конечно го доби Центарот за жени-жртви на семејно насилство

Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информира дека официјално е воспоставен Центарот за жени-жртви на семејно насилство во Полошкиот регион. Центарот за жени-жртви на семејно насилство е организациона единица на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Гостивар.

„Во пресрет на 16 дена активизам, Министерството како институција заедно со своите вработени е дел од бројните активности за подигање на свеста за насилството. Отворањето на центарот е уште еден голем чекор кон заштита на жените-жртви на семејно насилство“, се наведува во соопштението на МТСП.

Од Министерството додаваат дека Владата како потписник на Истанбулската конвенција и верен учесник во борбата против семејното насилство и насилството врз жените и девојчињата со отворање на Центарот за жени жртви на насилство ја обезбедиле услугата за привремен престој.

„Преку оваа услуга Владата и Министерството за труд и социјална политика обезбедува сместување, заштита, психо-социјална помош и поддршка за жртвите кои доживеале насилство или злоупотреба, со цел надминување на состојбата, зајакнување на капацитетите и нивна социјална интеграција во општеството. Нужното сместување на жртвата во центарот може да трае три месеци со можност за продолжување од три месеци односно една година доколку се работи за исклучителен случај. За време на сместувањето на лицата им се нуди психо-социјална помош, поддршка и други активности“, велат од МТСП.

Доколку жртвата има и деца кои се сместени во центарот и кои се вклучени во воспитно-образовниот процес, стручните работници се должни да обезбедат продолжување на редовното образование на децата, економско јакнење на жртвата и нејзино активно вклучување на пазарот на трудот.

Со воспоставување на Центарот во Полошкиот регион, Министерството за труд и социјална политика обезбеди услуги за жените-жртви на семејно насилство во регион во кој досега не беше достапна.

Порталб.мк и Мета.мк есенва пишуваа за непостоењето на Центар за жените-жртви на семејно и родово базирано насилство во Полошкиот регион, потенцирајќи дека ова е единствениот регион во земјава каде немаше вакво засолниште за жените-жртви на насилство.

Жените од Полошкиот регион, единствени во земјава без прифатилиште за жртви на насилство