Нема совети за спречување на детската деликвенција, половина од општините го прекршиле Законот за правда за децата

Илустрација во Канва, автор: Фисник Џелили, Порталб.мк

Иако според Законот за правда за децата општините во Северна Македонија се обврзани да формираат општински совети за спречување на детската деликвенција, вакви совети имаат формирано само 33 од вкупно 81 општина. За овој прекршок, според институциите, досега не е казнета ниту една општина. Експертите велат дека надлежните во земјава не прават доволно во однос на спречување на детската деликвенција. Порталб.мк ја истражуваше оваа појава во Полошкиот регион, и додека институциите ја префрлаат вината еден на друг, статистиката останува поразителна.

 

Деликвенцијата кај децата, односно негативното однесување, опфаќа и кривични дела и за да се спречат истите, согласно Законот за правда за децата, општините се обврзани да формираат општински совети за спречување на оваа појава.

Ако не го направат тоа, со член 160 се предвидени казни за градоначалниците на општините. Конкретно во овој член стои: „Казна од 300 до 500 евра во денари ќе се изрече за градоначалникот, градоначалниците на општините во градот Скопје и градоначалникот на Град Скопје кој нема да ја исполни обврската од член 158 став (1) од овој закон.“

Меѓутоа, во пракса ова не е реализирано. Од вкупно 81 општина во државата, само 33 имаат формирано вакви совети.

Институциите играат пинг-понг со применливоста на оваа законска обврска

Од Министерството за правда за Порталб.мк нагласија дека немаат и не водат евиденција за општинските совети за превенција на детската деликвенција.

„Државниот совет за превенција на детската деликвенција го следи формирањето на овие совети“, велат од Министерството за правда, истакнувајќи ги некои од активностите преземени од Државниот совет за спречување на детската деликвенција во 2019 и 2020 година.

Од друга страна, Државниот совет за спречување на детската деликвенција за Порталб.мк информира дека само 33 општини формирале ваков општински совет, меѓу кои: Гази Баба, Карпош, Бутел, Аеродром, Кисела Вода, Петровец, Ресен, Могила, Битола, Прилеп, Тетово, Струга, Пласница, Берово, Новаци, Вевчани, Центар Жупа, Пробиштип, Зрновци, Маврово и Ростуше, Чешиново и Облешево, Свети Николе, Кочани, Крива Паланка, Велес, Куманово, Струмица, Врапчиште, Кавадарци, Крива Паланка, Македонска Каменица, Богданци и Македонски Брод.

Но, од оваа институција велат дека не знаат дали некоја општина е казнета поради неформирање на овој совет.

„За точни информации можете да се обратите до Министерството за локална самоуправа, поточно до нивниот инспекторат, кој согласно законот мора да ги спроведе законските одредби“, велат од Државниот совет за спречување на детската деликвенција.

Од Министерството за локална самоуправа околу спроведувањето на оваа законска одредба велат дека Законот за правда за децата е подготвен од Министерството за правда, кое е надлежно и за следење на неговата примена.

„Ова прашање не е во надлежност на Министерството за локална самоуправа и поради тоа Министерството нема информации за спроведувањето на законот и конкретно дали се изречени казни за негово неспроведување“, велат од Министерството за локална самоуправа.

Во меѓувреме, од Државниот инспекторат за локална самоуправа за Порталб.мк велат дека досега не добиле никаква иницијатива или поднесок во врска со формирање на општинските совети за спречување на детската деликвенција.

„Во Законот за инспекторатот за локалната самоуправа не се предвидени казнени мерки, досега немаме изречено казнени мерки за претседателите на советите и за градоначалниците на општините во врска со овој проблем“, велат од Државниот инспекторат за локална самоуправа.

Алармантна ситуација во Полог

Порталб.мк ја истражуваше деликвенцијата на децата и имплементацијата на оваа законска одредба во Полошкиот регион, кој опфаќа девет општини.

Лани во подрачјето под надлежност на Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово евидентирани се 70 кривични дела во кои директно или индиректно биле инволвирани 89 малолетни лица, а најголемиот дел се целосно расчистени и комплетирани со 62 поднесоци, односно кривични пријави.

Портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, за Порталб.мк изјави дека најголем дел од кривичните дела се однесуваат на кражби и тешки кражби, во кои малолетни лица учествувале директно или учествувале како помагачи на постари лица, особено при насилно влегување во станбени објекти.

Минатата година евидентирана е вмешаност на малолетници во „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „насилство“, „загрозување на безбедноста во сообраќајот“ и други кривични дела“, рече Реџепи.

Според него, карактеристично за изминатата година во тетовско-гостиварскиот регион е тоа што меѓу најбројните сторители биле таканаречените повторувачи на делата, кои претходно извршиле исти или слични дела. Тој нагласи и дека минатата година овој сектор спроведувал превентивно-едукативни активности.

Колку општини од Полог имаат формирано Општински совет за превенција од детската деликвенција?

Во Полошкиот регион општински совет за превенција од малолетничката деликвенција немаат формирано сите општини.

Општина Тетово, како најголема во овој регион, минатиот месец на седницата на советот на општината одржана на 30 jануари донесе одлука за формирање на општински совет за превенција од детската деликвенција во оваа општина, кој наскоро се очекува да започне со работа.

Од општина Гостивар за Порталб.мк соопштија дека немаат формирано ваков совет. На прашањето дали наскоро ќе формираат таков совет, не добивме одговор.

Ваков совет нема формирано ниту општина Теарце, но по прашањата од страна на Порталб.мк, од таму рекоа дека ќе го сторат тоа набргу.

„Наскоро ќе ја започнеме процедурата за формирање на овој совет. До следната седница на советот ќе биде готов предлогот за формирање на овој совет“, изјавија од општина Теарце.

Општина Боговиње и покрај тоа што на списокот на Државниот совет за спречување на детската деликвенција не фигурира дека формирала еден ваков совет, оваа општина има совет, и како доказ уште истиот ден ни ја достави одлуката за формирање на истиот, каде што пишува дека овој совет е формиран во 2019 година.

„Во врска со вашиот допис за формирање на општинскиот Совет за спречување на деликвенција кај децата, ве известуваме дека имаме формирано таков совет, но на седницата во месец март ќе мора повторно да се потврдат мандатите на членовите“, изјави Илир Елези, претседател на Советот на општина Боговиње.

И општина Желино не фигурира на списокот на Државниот совет, но од оваа општина соопштија дека овој совет го формирале уште во 2019 година, и во прилог ја доставија одлуката за истиот.

Ситуацијата во општина Брвеница е малку поинаква. Од оваа општина за Порталб.мк соопштија дека формирале Локален совет за превенција кој работи на откривање на кривичните дела и прекршоците кои се закана за јавната безбедност во кој се инволвирани различни чинители, и кој ги покрива сите проблеми.

„Согласно законот, сметаме дека Законот за правда за децата не нѐ обврзува, туку им дава можност на општинските совети да назначат, а доколку има потреба секако дека во иднина ќе го формираме и општинскиот совет за превенција на малолетничката деликвенција“, велат од општина Бервеница.

Од општина Врапчиште за Порталб.мк соопштија дека го формирале овој совет, и оваа општина фигурира и во списокот на Државниот совет на општини со таков совет.

Исто е и со општина Маврово и Ростуше. Претседателката на општинскиот совет, Теута Мирто за Порталб.мк изјави дека овој совет го формирале во 2018 година.

Општина Јегуновце не фигурира на списокот на општини кои го формирале овој совет, но од таму не одговорија на новинарските прашања зошто не го формирале и дали ќе го формираат истиот.

Експерти: Институциите не прават доволно за оваа негативна појава

Универзитетската професорка по казнено право, Блерта Ахмеди, која и предложи овој совет да се формира во општина Тетово и чија иницијатива беше прифатена, вели дека многу мал број на општини во земјава ја исполниле законската обврска за формирање општински совети за спречување на детската деликвенција.

„Генерално, во најголем дел од општините во Република Северна Македонија, а особено кај оние од Полошкиот регион, институциите не ги третираат сериозно овие прашања, иако тоа е многу сериозен проблем во кој се вклучени категорија на луѓе на многу деликатна возрасна група, односно малолетни лица, кои според позитивната законска регулатива на земјава се именуваат со терминот „деца““, рече Ахмеди, и додаде дека во нашата земја во последните години деликвенцијата кај децата бележи една растечка динамика и обем.

Социологот и универзитетски професор Али Пајазити вели дека детското насилство како негативна категорија подразбира однесување кое ги крши правните и моралните норми на едно општество и кое предизвикува социјална реакција. Тоа е резултат на индивидуалните, семејните, медиумските фактори, на возрасната група и на факторите од околната средина.

„За жал, нашите институции, од централните до локалните, многу малку се залагаат за спречување на оваа исклучително чувствителна појава за семејството и општеството како целина, поточно за колективното здравје. Иако постои Национална стратегија (2020-2025) за спречување на децата од насилство, каде треба да дејствуваат семејствата, училиштата, заедниците, медиумите, законодавството, невладините организации, фактите покажуваат дека во училиштата и во други опкружувања има случаи на насилство меѓу децата, тепање, кражби, кршење или оштетување на инвентарот, булизам, па дури и сајбер криминал“, нагласи Пајазити.

Според него, за да се минимизира оваа појава неопходна е масовна мобилизација, поактивно родителство, различни кампањи, помалку медиумско насилство, предмети по етика во училиштата и дека во овој поглед голема улога игра дуото „родител-наставник“.

Професорката Ахмеди истакна дека недостатокот на напредок во оваа насока, според годишните извештаи на Државниот совет за спречување на малолетничката деликвенција, е поради тврдењето на општините дека немаат доволно финансиски средства, како и симболичната казна за неспроведување на оваа законска обврска.

„Исто така, треба да се работи на вториот најзагрижувачки факт, кој има врска со реалната состојба, а кој е поврзан со формалното формирање на совети од страна на некои општини, но кој резултира со констатирање на нивната нефункционалност и непродуктивност“, нагласи Ахмеди.

Таа заклучува дека формирањето, а пред сѐ функционирањето на општинските совети за превенција од деликвенција кај децата, значително би влијаело на намалувањето на детскиот криминалитет во државата и превентивната политика би покажала позитивни резултати за оваа појава. Меѓутоа, за подобро сеопфатно функционирање во ова треба да се вклучат и други институции.

Инаку, во Северна Македонија како најнадлежни органи за превенција на детската деликвенција се предвидени Државниот совет за спречување на детската деликвенција и општинските совети.