Дописници Во Охрид пронајдени гробови и предмети од втори век пред наша ера

Во Охрид пронајдени гробови и предмети од втори век пред наша ера

Стручните екипи на Заводот Музеј од Охрид откриле 85 гроба од кои 12 датираат од македонско-хеленистички период, односно некаде од трети и втори век пред наша ера, а останатите се од османлискиот период, од 15 до крајот на 18 век.

Како што информираат од Министерството за култура, во гробниците од македонско–хеленистички период кои се со гробни конструкции од необработен камен, досега пронајдени се најразлични прилози како керамички амфори, калапени чаши, делови од војничката опрема- копја, ножеви, накит-златни обетки со негроидни глави и со претстави на ерос, ѓердани со мониста од стаклена паста, привезоци, фибули и прстени, а во три гроба се пронајдени и бронзени садови.

Од периодот на доцната антика откриени и истражени се 11 јами и дел од рустикален објект, а пронајдено е поголемо количество византиски монети, неколку сребрени венецијански грошеви и една сребрена монета на кралот Волкашин.

Гробовите од османлискиот период пак главно се христијански и во нив се пронајдени бронзени копчиња, обетки, срма, а зачувани се и делови од органски материјали-кожни обувки, дрво.

При претходни истражувања, пред повеќе години, на истиот локалитет во еден од гробовите беше пронајдена златната маска, златната ракавица и уште 70-на други златни, сребрени, бронзени, килибарни и други предмети.

Во текот на досегашните истражувања најстар наод на теренот е праисториско камено секирче.