Дописници Во Охрид од следната седмица прскање против комарци, ама само од земја

Во Охрид од следната седмица прскање против комарци, ама само од земја

Тендерската постапка за избор на фирма која ќе ја врши дезинсекцијата против комарци на територијата на општина Охрид е завршена. Фирмата Лиса-Ком ДООЕЛ од Кавадарци треба да ја спроведе дезинсекцијата и дератизацијата, додека надзорот на работите ќе го врши Центарот за јавно здравје од Охрид, соопшти локалната самоуправа.

Следната седмица ќе почне прскањето против комарци што ќе се врши од земја од страна на кавадаречката фирма, чија основна дејност е дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

Авионското прскање против комарци оваа година најверојатно ќе изостане. Неофицијално, станува збор за проблем со леталата кои досега се користеа за спроведување на авионската дезинсекција.

-Според договорот, ќе има две запрашувања против комарци и две третирања за дератизација. Површината изнесува 70 хектари кои ќе бидат запрашени, а ќе бидат третирани околу 3.000 шахти на територијата на Општина Охрид и сооглед на тоа дека постапката е завршена се очекува до крајот на оваа недела или некој од деновите на викендот, да го имаме првото запрашување – вели Томе Џамтоски, портпарол на Општина Охрид.

Вообичаено, прскањето од земја ќе се врши во периодот од 22 до 06 часот. Со дезинсекцијата ќе биде опфатено крајбрежјето од селото Подмоље до комплексот Свети Наум, територијата на градот Охрид од река Грашница до Коселска Река.