Економија Во јули се издадени 359 одобренија за градење

Во јули се издадени 359 одобренија за градење

Во јули се издадени 359 одобренија за градење, што е за 71,8 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 5.576.256.000 денари, што е за 13,6 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Намалената предвидена вредност се должи на фактот дека во претходниот период беше издадено одобрение за градење на капитален проект за изградба на магистралниот гасовод, делница Клечовце – Неготино.

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 231 (64,4 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 40 (11,1 отсто) за објекти од нискоградба и 88 (24,5 проценти) за објекти за реконструкција.

Од вкупно 359 објекти, на 227 (63,2 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 132 објекти (36,8 проценти) инвеститори се деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 956 станови со вкупна корисна површина од 72.255 квадратни метри.