Свет Европа Во иднина побрзо до германски пасош, усвоени нови законски измени

Во иднина побрзо до германски пасош, усвоени нови законски измени

Според новиот закон, натурализацијата ќе биде можна по само пет години поминати во Германија наместо осум, како досега

Фото: Bernd von Jutrczenka/dpa

Во Германија луѓето кои немаат германско државјанство во иднина ќе можат побрзо да се натурализираат и притоа да го задржат својот странски пасош. Бундестагот ја усвои соодветната реформа на законот, јави германската агенција ДПА.

Денеска за измените на законот за државјанство гласале 382 пратеници, против беа 234, а воздржани 23.

Реформата првенствено беше поддржана од пратениците на владејачките партии, односно социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите (ФДП). Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) се спротивставиле.

Воздржани биле главно членови на левицата или следбеници на Сахра Вагенкнехт кои претходно ја напуштија Левицата.

Според новиот закон, натурализацијата ќе биде можна по само пет години поминати во Германија наместо осум, како досега.

Германски пасош ќе може да се добие и по три години – во случај на „посебни интеграциски достигнувања“ – што значи исклучителни достигнувања во училиште или работа или граѓански ангажман.

Во иднина, децата на странски родители ќе добиваат германско државјанство при раѓање, доколку едниот родител легално престојувал во Германија пет години. Претходно тоа беше случај дури по осум години.

Дополнително, луѓето кои ќе добијат пасош ќе можат да го задржат постојното државјанство. Ова е веќе возможно, на пример за граѓаните од другите земји од Европската Унија.

Сепак, ќе има ограничувања. Луѓето кои не можат да се издржуваат ќе можат да добијат државјанство само во одредени случаи.

Секој што ќе изврши „антисемитски, расистички или кој било друг чин мотивиран од омраза кон луѓето“ ќе го изгуби своето државјанство.

Државјанство нема да добие секој кој е во брак со повеќе лица, како и оние кои со своето однесување покажуваат непочитување на еднаквоста на мажите и жените.