Македонија Во Брисел загрижени, не откриваат кои се следните чекори

Во Брисел загрижени, не откриваат кои се следните чекори

Од Брисел засега не откриваат кои би биле чекорите што ќе ги преземат поради аболицијата која ја даде претседателот Ѓорге Иванов и прекршувањето на Договорот од Пржино.

– Во изјавата што ја објавивме минатата недела, рековме дека сме принудени да преземеме дејства за да се исполнат барањата што ги истакнаа Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент. Минатата недела реков, а и сега ќе повторам, дека нема да шпекулирам повеќе од тоа – рече портпаролката Маја Коцијанчич на денешната прес-конференција во Брисел.

Портпаролката рече дека Брисел јасно ги истакнал своите ставови во однос на последните случувања во Македонија.

– Ситуацијата, за нас, е сè уште на ниво на загриженост. Остануваме достапни, но, како што рековме, одговорноста за решавање на политичката криза во земјата останува во рацете на политичките лидери. Ја изразивме нашата загриженост – рече Коцијанчич.

Минатата недела пропадна обидот на еврокомесарот Јоханес Хан и на тројцата европратеници, Едвард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховид, да организираат лидерска средба во Виена со потписниците на Договорот од Пржино. Само ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го потврдија присуството на средбата, а СДСМ побара повлекување на аболицијата и одложување на изборите на 5 јуни за да се појави на средбата, која имаше цел да го спаси Договорот од Пржино.

Светските медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, најавија дека се подготвува воведување на санкции кон македонски политичари, замрзнување на нивниот имот во странство и забрани за патување.