Дописници Во Битола се формира синдикално здружение за земјоделски спас

Во Битола се формира синдикално здружение за земјоделски спас

Земјоделци од сите краеви на Македонија денeска во Битола основаа ново земјоделско здружение со синдикален предзнак, под името „Републичко синдикално здружение за земјоделски спас“. За претседател на здружението е избран Николче Бошевски, земјоделец од селото Новаци, кој обработува повеќе од 20 хектари земјоделско земјиште и е еден од поголемите производители на пченица и на тутун во регионот.

– Се здруживме за да го спасиме македонското земјоделство од селективноста на оваа власт. Ситуацијата во земјоделството е катастрофална, сè е поскапено, од репроматеријали до гориво. Принудени сме за еден литар нафта да продадеме 10 килограми пченица – вели Бошевски.

Во исто време, новото здружение реагира и на селективноста при поделбата на субвенциите.
– Не може еден призводител на пченица да земе субвенции денес, а другиот по шест месеци или по неколку години. Ако сме сите исто, тоа треба да биде во исто време. Знаеме дека некои земјоделци имаат приоритет при добивањето субвенции, ама ние тоа нема да го дозволиме – вели Бошевски.

Новото здружение на земјоделците се подготвуваше во изминатите пет месеци, со програма и со статут. Сега следува да се излезе на терен и да се добие што поголема поддршка од македонските земјоделци, кои не се задоволни од работата на Сојузот на земјоделци на Македонија, велат од здружението.

А.Б.