Економија Во јануари и февруари 334 милиони евра дефицит во трговската размена

Во јануари и февруари 334 милиони евра дефицит во трговската размена

Вкупната трговска размена со странство во првите два месеца од годинава, јануари и февруари, изнесува 2,3 милијарди евра, соопшти Државниот завод за статистика, ДЗС. При тоа, вредноста на извозот на стоки од Македонија е 977 милиони евра и бележи пораст од 3,4 отсто, во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, пак, изнесува 1,3 милијарди евра што е за 4,9 отсто повеќе во споредба со истите месеци лани. Покриеноста на увозот со извоз е 74,5 отсто, при што трговскиот дефицит достигна 334 милиони евра.

Според ДЗС, трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, делови на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица. Во увозот, пак најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата, плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – февруари годинава, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.