Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Заев знае дека на следните избори ќе загуби и затоа бега...

ВМРО-ДПМНЕ: Заев знае дека на следните избори ќе загуби и затоа бега од нив

Со денешната прес-конференција се докажаа нашите сомневања дека Зоран Заев и СДСМ не сакаат избори, се плашат од нив и бегаат, особено поради денеска објавената анкета на американскиот Интернационален републикански институт, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ.

„Зоран Заев знае дека следните избори ќе ги загуби и затоа бега од нив. Денеска се докажа дека Зоран Заев и СДСМ ги користат лепените и креирани снимки за класична уцена врз државата и нејзините интереси. Денешната прес-конференција е доказ дека Зоран Заев бега од договорот од 2 јуни кој самиот го потпиша, а чиј поддржувач беше Европската унија. Договорот го потпиша Зоран Заев, но не беше прифатлив за Милчин, Фрчкоски, Ордановски и за Героски. Заев денеска покажа дека повеќе ги слуша нив од тоа што се слуша самиот себе. Се докажа дека Зоран Заев и СДСМ преку создавање и долготрајно одржување на политичката криза сакаат негативно да влијаат на порастот на економијата и на отворањето нови работни места. На тој начин прават штета на секој еден граѓанин во Република Македонија. Зоран Заев и СДСМ ја докажаа деструкцијата кон сопствената земја и кон сопствениот народ. Докажаа дека им се важни само личните и партиски интереси и желбата да дојдат на власт без да добијат поддршка од граѓаните на избори“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Понатаму во реакцијата се вели дека Заев и СДСМ ја докажале политичката неодговорност и покрај јасните пораки од  народот и од претставниците на меѓународната заедница и дека единственото нешто што го интересира Заев е да се спаси од криминалите, уцените, корупцијата и од барањето мито.

„Поради тоа што Зоран Заев во континуитет се заканува со објавување креирани снимки за случајот „Монструм“ и поради тоа што ние сме убедени дека нема ништо спорно во целиот тој случај, денеска јавно апелираме да објави сè што има и поседува без да одолговлекува. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните, политичката стабилност, економскиот развој и отворањето нови работни места. ВМРО-ДПМНЕ ќе го искористи следниот период за организација на партиската структура за одговор на сите можни црни сценарија подготвени и организирани од Зоран Заев“, пишува во соопштението.