Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Заев шести ден молчи и крие што договорил во Софија

ВМРО-ДПМНЕ: Заев шести ден молчи и крие што договорил во Софија

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во редовното утринско соопштение повторно го обвини премиерот Зоран Заев дека шести ден молчи и крие од македонските граѓани што договорил за време на неговата посета на Софија, во врска со договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

Од партијата велат дека Заев во текот на изборната кампања ветувал експертски дебати и јавни расправи за секое поголемо прашање од значење за Македонија.

„Заев од Софија кажа дека договорот е речиси постигнат, без притоа да ги информира граѓаните што тоа преговарал и речиси договорил. Заев од Софија кажа дека ќе се бришат одредени термини од македонските учебници по историја, без притоа да каже кој и како ќе одлучува што треба да биде избришано. Заев во Бугарија јавно ја обвини Република Македонија, земја чиј премиер е, дека ширела национализам и омраза во минатото, без притоа да прецизира кон кого тоа ширела нашата држава национализам“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму порачуваат дека ВМРО-ДПМНЕ, како партија, е за градење добрососедски односи базирани на заемно почитување и дека ќе поддржи сè што е во насока на подобрување на односите со соседите, но нема да поддржи ништо што е во спротивност со интересите на македонскиот народ и држава.