Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Заев продолжи да одработува за странски центри

ВМРО-ДПМНЕ: Заев продолжи да одработува за странски центри

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната „бомба“ на опозицијата за партиските вработувања, обвинувајќи го лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за извршител на сценарио чија крајна цел е дестабилизација на земјата.

„Како поминува времето, Зоран Заев е сè поповршен и провиден во неговите лаги и измислици. Заев продолжи да одработува за странски центри и интереси, кои се спротивни на интересите на граѓаните, и да пушта креирани, сечени, лепени и прелепувани, монтирани материјали кои самите по себе не докажуваат ништо, дури и со очајните обиди на Заев да им даде некаков наводен наратив, да ги раскажува и прераскажува, објаснува и дообјаснува, и да може да манипулира, злоупотребува и да ги прикажува во одреден неточен контекст, кој само нему му одговара“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението пишува дека со денешната прес-конференција уште еднаш се докажало дека крајната цел на сценариото, чиј извршител е Заев, е токму дестабилизација и обид за внесување криза. Токму затоа омилената тема на Заев е темата за безбедносниот систем и затоа тој денеска недозволиво откриваше информации за капацитетот на безбедносните служби, обидувајќи се да го загрози нивното функционирање, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија велат дека Заев освен тоа што го спроведува своето антидржавно сценарио, е и крајно лицемерен. Од една страна, невешто сака да се претстави себеси како загрижен за состојбата со вработувањата, а од друга страна, самиот тој на јавни политички настапи и обраќања на партиски трибини зборуваше дека во Општината Струмица и во останатите институции, каде што е на власт СДСМ, за сите вработувања одлучува партиската кадровска комисија на СДСМ и дека масовно ќе се бркале луѓе од работа ако СДСМ дојде на власт.

„Заев сака да се заборави и избрише од колективната меморија на граѓаните дека токму тој изјавуваше дека ако СДСМ дојде на власт, лично тој ќе јаде живи луѓе и дека ќе ги брка луѓето од работа од хигиеничар до министер и на нивно место ќе вработува луѓе за кои ќе добие насока и одлука од кадровската комисија на СДСМ“, пишува во реакцијата.