Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Заев предлага заменик-министерка со романтичарски идеи за големи држави

ВМРО-ДПМНЕ: Заев предлага заменик-министерка со романтичарски идеи за големи држави

Предлогот на Зоран Заев, госпоѓата Арта Точи да биде избрана за заменик-министер во Министерството за надворешни работи, е скандалозен и ризичен за државата, оти предложената е лице кое тешко се помирува со реалноста и со постоењето на граници на Балканот, односно лице кое има романтичарски идеи и мечтае за големи држави, порача на прес-конференција денеска Владимир Нелоски, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

– Предложената Арта Точи е автор на трудот „Границите како мит“, во кој пишува за конференцијата во Лондон одржана во 1913 година, каде е донесена одлука за формирање на албанското кралство. Според неа, делови од Албанија не биле вградени во нејзините административни граници. Во трудот Точи нагласува дека на Балканот границите имале поинакво значење и димензии и додава дека во тие околности границите биле линија на отуѓување на еден јазик и на еден народ, со кои се создале приказни со многу болка и одделеност. Ваквите сфаќања се исклучително опасни кога доаѓаат од лице што Заев смета дека треба да биде заменик-министер за надворешни работи. Основна задача на заменик-министер за надворешни работи е да ги штити македонските национални интереси, да се бори за признавање на земјата под нејзиното уставно име и да ги брани меѓународните позиции, а не да ги спори границите како линија на отуѓување на еден јазик и на еден народ – рече Нелоски и побара Заев да го преиспита решението.