Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Заев и СДСМ ја претвораат државата во алатка на партијата

ВМРО-ДПМНЕ: Заев и СДСМ ја претвораат државата во алатка на партијата

„Зоран Заев и СДС најавуваа департизација и деполитизација на институциите и на државниот апарат додека беа во опозиција, а сега ја претвораат државата во алатка на партијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во нивното редовно утринско соопштение.

„Оливер Спасовски наместо да се повлече од партиските функции и да ја одвои партијата од МВР, како што СДС ветуваше пред избори, тој сега е унапреден во потпретседател на СДС. Граѓаните јасно гледаат дека совпаѓањето на партијата со министерството за внатрешни работи е дел од стратегијата на СДС да ги стави под своја капа органите на прогонот и правосудниот систем. Оваа стратегија почна со заканите кон судиите за генерален реизбор, а продолжи со иницијативата на Заев за смена на републичкиот јавен обвинител кој го гони за случајот „Поткуп“. Со ова Заев сака да се спаси себеси од кривично гонење и од процесирање на кривичните пријави против него и луѓето блиски до него“, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваат професионалците во МВР, обвинителството и во судот да не потклекнуваат на политичките притисоци од страна и ги потсетуваат дека се одговорни пред граѓаните да постапуваат исклучиво според Уставот и законите.