Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Цели три дена не е фатен убиецот на фудбалерот, исчезна и...

ВМРО-ДПМНЕ: Цели три дена не е фатен убиецот на фудбалерот, исчезна и Спасовски

„Убиецот на младиот фудбалер Мартин Јанушев за овие три дена можеше да избега и да стигне каде сака! Убиецот на младиот фудбалер Мартин Јанушев за овие три дена можеше да се засолни каде било, да бара алиби и да се обиде да ја префрли вината на некое трето лице“, порача Александар Нацев на партиска прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој праша зошто МВР молчи и не соопштува ништо за истрагата.

– Прашањето што се поставува во моментов гласи, кој му ја дава оваа предност на убиецот и зошто тој добива ваков третман? Зошто нема потерница? Каде се снимките од безбедносните камери? Зошто се крие со каков автомобил се движеле? Министерството за внатрешни работи го нема. Исчезна и Оливер Спасовски, кој љубеше да држи прес-конференции за мачки што гребеле автомобил. Граѓаните се загрижени за сопствената безбедност заради неефикасноста на полицијата командувана од кадри на СДС. Сè поголеми се и сомнежите дека намерно се одолгжува со истрагата – рече Нацев.

На прес-конференцијата одговори СДСМ. Владејачката партија порача дека наместо да шири нови лажни вести, ВМРО-ДПМНЕ треба да ги остави надлежните институции да ги расчистат сите инциденти.

„Сокривањата, заштитата и заташкувањата убиства, инциденти и криминал што беа одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, завршија со ослободувањето и со професионализацијата на државните институции. Надлежните институции постапуваат во согласност со законите и ги расчистуваат сите инциденти без разлика на тоа кои се извршителите“, стои во соопштението на СДСМ.